Објавена програмата за субвенции за 2015, многу пари за развој на земјоделството

 

И годинава продолжува владината поддршка за развој на аграрот, модернизација на земјоделскиот сектор и руралниот развој. Објавена е програмата за 2015 година. Вкупно 140 милиони евра изнесува финансиската поддршка која земјоделците ќе ја добијат за земјоделското производство во 2015 година. Според Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделството за 2015 година се предвидени 102 милиони евра за развој на земјоделското производство, а од Програмата за рурален развој изнесува околу 33 милиони евра, пишува Лидер

-Во периодот после 2006 година , конечно земјоделството доби соодветен третман во владините политики, тоа директно се согледува преку повеќе кратното зголемување на буџетските трансфери во програмите за директните плаќања( субвенциите) и програмите за рурален развој. Буџетските поддршки остварија позитивни ефекти и ги остваруваат резултатите и целите кои се поставени за поедини сектори. Овде би сакал да нагласам дека не секогаш мерките кои се креираат имаат за цел во сите потсектори само да се зголеми производството. Во земјоделството резултатите не доаѓаат на краток рок , но во некои потсектори видливи се резултати изразени во квантитативни податоци, во некои се достигнати повисоки стандарди, а има сектори каде целта беше да се запрат негативните тенденции и сето тоа се остварува благодарение на буџетската поддршка , вели за Лидер , Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.

За што се предвидени најмногу пари?

Според податоците од Програмата за Финансиска поддршка на земјоделството 2015 година објавена во “Службен весник“, најголем дел од субвенциите или 50,6 милиони евра се наменети за растителното производство, 34,1 милиони евра се предвидени за субвенционирање на сточарството. Од дополнителната поддршка за развој на земјоделството, над 326.000 евра изнесуваат субвенциите за премии и осигурување, помошта за заштита на земјоделско земјиште годинава ќе изнесува 32.000 евра. Помошта за одделни категории носители на земјоделски стопанства 2,45 милиони евра, додека директната финансиска поддршка за помош во сточарскиот сектор 163.00 евра. За материјални трошоци за спроведување на програмата се одвоени 245.000 евра.

Со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2015 година, се предвидени 13.8 милиони евра за исплата на субвенции од претходните години. Критериумите за добивање субвенции остануваат исти како и минатата година, односно висината на поддршката се намалува со зголемување на пријавените површини или грла добиток.

Според Програмата, дополнителната од 5% ќе добијат регистрираните земјоделци кои имаат земјоделско стопанство, 10% поголеми субвенции ќе добијат младите фармери и дополнителна помош од 20% ќе добијат носители на семејно-земјоделско стопанство кој е регистриран вршител на земјоделска дејност или е регистриран како индивидуален земјоделец.

За рурален развој 33,2 милиони евра

Вкупно 33.253.658 евра годинава се обезбедени за поддршката за руралниот развој. Парите се поделени во две категории. За првата категорија се предвидени 31.400.000 евра и овие средства се наменети за субвенции за обука и информирање на земјоделците, помош за млади земјоделци, инвестиции за модернизација на земјоделското производство, маркетинг, инфраструктура, органско производство, подобрување на квалитетот на животот во руралните средини и друго. Од оваа категорија најмногу пари или 9.261.728 се планирани за инвестиции во инфраструктура за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, над 5 милиони евра се наменети за субвенции за инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, над 4,4 милиони евра се планирани за субвенции за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја, а за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини се предвидени нешто повеќе од 4,5 милиони евра. Дел од парите се наманети за подмирување на неисплатените субвенции од претходните години.

За мерките од оваа категорија можат да конкурираат земјоделците, агробизнисмените, а за дел и јавните институции.

Парите од мерката за Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства, се распределуваат како неповратна финансиска поддршка за инвестиции набавка на добиток 243.902 евра, набавка на пчелни матици 8.130 евра, подигање на лозови и овошни насади и медоносна флора 317.073 евра, набавка на опрема за систем “капка по капка# за пченка, сончоглед, фуражни култури и бунари за наводнување 243.902 евра, набавка на земјоделска опрема и механизација за житни и индустриски култури 180.154 евра.

-Сите мерки што се преземаат за млади земјоделци, се е насочено за поголем број граѓани да се занимааат во лозарството, сточарство, тутунупроизводство. Ако не се субвенциите 50 % од земјоделците нема да се занимаваат со земјоделие. Целта е ние да го зголемиме производството, изјави Ефтим Шаклев,Асоцијација на земјоделци.

Нешто повеќе од 713 илјади евра годинава се предвидени за субвенции за земјоделските задруги. Средствата од мерката за Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини се доделуваат како неповратна финансиска поддршка за инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување на две села или село со град, инвестиции во канализациони системи, инвестиции во објекти и опрема за за организирање на продажба жив добиток во рурални средини. За мерките од втората категорија од Програмата за рурален развој се предвидени субвенции во висина од 1.853.658. Парите се наманети за техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој, организирање и спроведување на манифестации и саеми, помош за маркетинг на земјоделските производи, изработка и публикување на едукативни, информативни и стручни материјали, инвестициони вложувања за воспоставување на научно-демонстративни примери, трошоци за изработка на геодетски елаборати и друго.

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега