Владата бара уште 99 директори

 

Владата во текот на денов ќе објави нов јавен повик за пројавување интерес за 99 позиции на централно и локално ниво за пополнување на раководни места.

Огласот ќе трае до 5 јули и на него ќе можат да се пријават сите граѓани кои смета дека ги исполнуваат условите во јавниот повик и дека можат да придонесат за исполнување на зацртаните реформи.

Јавниот повик се однесува за местата каде што има вршители на должност раководител, испразнета позиција на раководителот или пак на раководителот му истекува мандатот до крајот на 2013 година.

На огласот се нудат местата на директор на ЈП за патишта, Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво, член на управен одбор и извршен директор на М-НАФ, некои од раководнтие места во МЕПСО и повеќе економски и медицински директори на јавните здравствени установи.

Новина во огласот, како што истакна портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев е што првпат се нудат места за подрачните единици со што се смета дека на огласите ќе можат да се јават лица кои живеат во тие региони и кои сметаaт дека може да придонесат за развој на локалната самоуправа.

На првиот оглас аплицирале 2.000 лица. Започната е фазата за разгледување на пријавите, а за некои и фазата на интервјуа.

За седум до десет дена, како што кажа Ѓорѓиев, треба да заврши разгледувањето на кандидатите за амбасадори и конзули, а потоа да се разгледаат и апликациите за другите објавени огласи за кои краен термин за донесување одлука е крајот на годинава. Првиот оглас беше за над 130 раководни места.

најчитано сега