Новата Влада на Грција положи заклетва
Новата влада на Грција денеска положи свечена заклетва.
Премиерот Андонис Самарас синоќа направи реконструкцијана својот Кабинет, само неколку дена откако помалиот коалициски партнер се повлече од владината коалиција поради несогласувања околу судбината на јавниот радиодифузен сервис ЕРТ.
Новиот Кабинет, кој има 11 министри и заменици министри од ПАСОК, положи свечена заклетва на церемонијата со која претседаваше претседателот Каролос Папуљас. Пантелис Капсис, поранешен портпарол на технократската влада на Лукас Пападемос, е назначен за министер за државната телевизија кој има задача да направи реконструкција на веќе непостоечката ЕРТ.
Јанис Стурнарас, близок соработник на Самарас, ја сочува својата позиција како министер за финансии, како и неколку други клучни членови на Владата, меѓу кои се министерот за развој Костис Хаџидакис, министерот за јавен ред Никос Дендиас, министер за труд Јанис Вруцис, министерот за туризам Олга Кефалојани и министерот за образование Константинос Арванитопулос. Непроменет е и министерот за Македонија и Тракија Теодорос Караоглу. Досегашниот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос сега е министер за одбрана, додека досегашниот шеф на одбраната Панос Панајотопулос во новата Влада е министер за култура.
ФОТО: Денешен