Банките нижат профити – време е за позасилено кредитирање
Македонските банки нижат профити. Податоците на Народната банка покажаа дека во првите шест месеци од годинава заработиле 46,4 милиони евра, за 39% повеќе во однос на истиот период од минатата година, што претставува еден од најдобрите резултати остварен досега. Трите водечки банки во земјава спечалиле 37,6 милиони евра, средните банки имале добивка од нешто повеќе од 9 милиони евра, малите имале загуба од околу 490 илјади евра, пишува Лидер.
Општиот впечаток е дека македонските банки и пркосат на политичката криза, остануваат добро капитализирани и стабилни.
Што покажуваат податоците на Народната банка?
Според податоците на Народната банка, остварувањата кај депозитите
на крајот на јуни се послаби од очекуваните за вториот квартал од 2016 година (депозитната база на месечна основа е намалена за 0,3%), што значи отстапување од априлската проекција. Намалувањето на вкупните депозити е резлтат на пониските депозити на корпоративниот сектор. Штедењето на домаќинствата бележи скромен раст.
-Ако се има предвид дека депозитите се основниот извор на финансирање, ова претставува ризик за идните движења на кредитниот пазар, објаснуваат од НБРМ.
На годишна основа, вкупните депозити во јуни се повисоки за 2,1%, иако со проекцијата за вториот квартал се очекуваа 6,6%. Има позитивни придвижувања, но депозитите се уште се немаат вратено на нивото од март, кога почна бранот повлекувања предизвикан од шпекулации, што повлече и навремена реакција од Централната банка.
Од аспект на валутата, денарските депозити и во јуни имаат позитивен придонес во годишниот раст на вкупните депозити. Каматната стапка на денарските депозити е повисока, а кај девизните депозити е намалена.
Во однос на кредитирањето, во јуни има позначително намалување на вкупните кредити на приватниот сектор од 1,9%, иако од НБРМ објаснуваат дека ова се должи на преносот на отпишаните сомнителни и спорни побарувања на банките од билансна во вонбилансна евиденција. Ако се исклучи овој ефект, според Народната банка, вкупните кредити бележат раст од 1,5% на месечна основа. На годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 3,5% (8,5% доколку се изолира ефектот од преносот). Со априлската проекција се очекуваше раст од 7,6% во вториот квартал.
Какви се каматните стапки?
Според последните податоци, просечните каматни стапки за денарските кредити во јуни изнесувале 6.6%, а за девизните 5.5%. За една година тие се намалиле за 0.5 односно за 0.4 процентни поени.
Каматите кои ги даваат банките за депозитите во јуни биле 2.5% за денарските и 1% за девизните. За една година се намалиле за 0.4 односно 0.3 процентни поени.
Какви се очекувањата за кредитирањето?
Банките во Анкетата за кредитната активност посочија дека во наредниот квартал очекуваат раст на понудата и на побарувачката на корпоративните кредити и на кредитите на домаќинствата.
На тоа повика и првиот човек во Министерството за финансии, Кирил Миноски.
-Политичката криза имаше извесен ефект, дојде до попрудентно однесување на банките, беше воведена порестриктивна политика во однос на кредитирањето на корпоративнот сектор и до повоздржано однесување на инвеститрите, но сега имаме доволно стабилност и ликвидност во банкарскиот сектор, а инвестициите придонесуваат за економскиот раст, рече Миноски.
Дополнително, помалото задолжување на домашниот пазар преку државни записи остава повеќе пари за фирмите.
-Ваквата стратегија треба да остави повеќе ликвидни средства во стопанството, што би придонело за зголемено кредитирање на корпоративниот сектор и со тоа раздвижување на економијата, велат од Министерството за финансии.
-Сите пари кои ќе останат непозајмени на домашниот пазар, ќе останат на располагање и сето тоа би дало дополнителен импулс на домашната економија, објаснува професорот Илија Груевски.
Во овој период, како резултат на преносот, е намалено учеството на сомнителните и на спорни побарувања во вкупните кредити до ниво од 7,5%.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа