Груевски: КСС во Кичево ќе отвори повеќе работни места од планираното

 

Се сеќавам есента 2005 година кога се собравме во Кичево, се сеќавам на тие времиња кога СДСМ беше на другата страна наспроти нас, наспроти народот и остана наспроти народот. И затоа од тогаш не можат да се опорават, губат на секои избори откако му го свртеа грбот на народот и на Кичево.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носител на кандидатската листа во четвртата изборна единица, на митингот во Кичево и додаде дека Коалицијата „За подобра Македонија“е многу посветена на економијата, на привлекување инвестиции и отворање на нови работни места.

-Тоа беше нашата главна преокупација додека бевме во Владата, главната преокупација во овие 10 години. Се разбира работевме во сите сектори и направивме успех во сите сектори, но економијата, инвестициите, работните места, намалувањето на невработеноста, беше, остана и ќе биде најголем приоритет за оваа политичка гарнитура на ВМРО- ДПМНЕ.

Од тука, успеавме да донесеме и една крупна американска инвестиција во Кичево, „Ки Сејфти Системс“ (КСС), која што во моментов има 710 вработени, а планот им е до Нова година да стигнат до 750, односно уште 40 плус. Планот им беше некаде до средината на следната година да стигнат до 1.000, но не известија дека средината на следната година ќе стигнат до 1.100, односно 100 повеќе од планираното, рече Груевски.

Некои ги бива за деструкции и за кризи, додаде тој, а нас не бива за работа, обезбедување на нови работни места.

-На СДСМ главна преокупација е туркање на проект за рекомпонирање на државата. Малку им беше она рекомпонирање во 2005 година, сега сакаат уште поголемо рекомпонирање. Наш главен проект ни е привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места за силен економски напредок, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред кичевчани.

 
 
26.11.2016 - 21:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега