Ристовски: Наставниците се главна алатка со која го градиме општеството
Денеска МОН, СОНК и Сојузот на просветните работници го одбележаа Светскиот ден на учителот - 5 Октомври. По повод Денот на учителите денеска беа доделени признанија на осуммина најдобри наставници и стручен кадар во учебната 2012/2013 година.
На наставниците денеска им честиташе македонскиопт министер за образование и наука, Спиро Ристовки.
- Наставниците се нашиот основен линк и алатка со која ќе го градиме општеството. Треба да се поработи на подобрување на статусот и перцепцијата на наставникот во општеството. Тоа не треба да биде страв од наставникот, како што имаше во минатото, но да се најде вистинскиот начин преку кој наставникот ќе ја добие целосно и достојно својата улога. Како Министерство и како Влада и во следниот период многу поинтензивно ќе работиме на тој процес наставникот да го добие вистинското место во општеството. Образованието е најдобар механизам преку кој можеме да станеме конкурентни во светот по која било основа, истакна Ристовски.
Во своето обраќање на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, Претседателот на СОНК Јаким Неделков истакна дека е горд на сегашниот статус на наставниците.
- Особено деградиран до срамни граници во првите десетина години од осамостојувањето на нашата држава. Токму СОНК беше тој што енергично побара и во најголем дел успеа да ги промени работите на подобро. Сега не сме на претпоследното место со плати во јавниот сектор, како пред шесет-седум години, туку сме во горниот дел од табелата. Тоа не е состојба со која се задоволуваме, туку и понатаму постојано пред надлежните покренуваме иницијативи и барања за подобрување на состојбата. СОНК има принципиелен став за поддршка на сите реформски зафати кои ќе создадат услови за подобрување на образованието, но бараме и мерки за соодветно подигање на статусот на просветните работници, рече Неделков.
Инаку, Светскиот ден на учителот се одбележува од 1966 од Интернационалата за образование која обединува наставници и воспитувачи од 166 земји.