Бранко Героски: Уништен е сонот дека СЈО ќе биде новиот лик на македонската правда

 

Новинарот Бранко Героски, кој со своите текстови го покрена случајот „Бомбашки рекет“, име што самиот го даде, смета дека органите на прогонот мора целосно да го расветлат случајот. Тоа, според него е важно заради како што вели во интервју за Прес24, „потребата конечно да престане оваа спирала на злото и на омразата, која почна со лиферувањето на нелегално прислушуваните разговори, таканаречените бомби. 

-Злоупотребата на овие материјали - еве, како што гледаме, дури и за милионски рекет - ја надмина потребата од нивна употреба заради „јавниот интерес“. Затоа јавно го советував премиерот Заев, првиот „менаџер“ на бомбите, да свика еден „самит“ на луѓето кои се примарни извори на овој токсичен материјал и да се договорат да го депонираат во бункер што веќе нема да се отвора. И оваа истрага ја разбирам како обид во таа насока, како обид за одлучен удар врз бомбашкиот рекет, вели Бранко Героски во интервју за Прес24.

Според неговите информации истрагата има несоборливи докази за случајот, но вели дека би сакал да знае дали во тие докази се спомнува спорниот обвинител. 

-Инаку, моите сознанија се дека доказите се толку цврсти, што од нив нема бегање. Тие мора да завршат на суд, за да не завршат некаде на некоја социјална мрежа и да предизвикаат досега невиден политички скандал. Затоа, добро е што се води одлучна истрага, вели Героски.

Героски во интервјуто одговара и на прашањето како влегол во приказната и како до него стасале информациите. Но и верува дека државниот врв бил добро известен за сѐ што се случувало и многу добро знаел што сега се случува. 

-Политичката штета е голема, толку голема што и некои најголеми поддржувачи на власта и особено на СЈО на чело со Катица Јанева, кои ме напаѓаа како оси кога ја оспорував системската поставеност на ова обвинителство и особено кога го проблематизирав правото нелегално прибавените докази (бомбите) да се користат во судските постапки, сега од неа се откажуваат како од ѓаволот. Уништен е сонот дека СЈО ќе биде новиот лик на македонската правда, вели Героски во интервјуто.

ПРЕС24:  Деновиве сте најцитираниот новинар, што од јавноста, но веќе и од медиумите од колегите, иако до пред два-три дена многумина со скепса гледаа на она што го пишувавте. Прво сакам да Ве прашам, дали прекинаа заканите кои ги добивавте, откако случајот „Рекет“ (мислам дека така го викаат) влезе во институционална процедура?

ГЕРОСКИ: Да, заканите прекинаа, откако во полиција го пријавив оној заканувач (ете, веќе му го заборавив и името), за што ја известив и владејачката партија. Интересно е дека од органите на прогонот досега немам добиено повратна информација што се случило, дали заканувачот е опоменат, дали случајот е документиран. Закани нема, но дури и во јавните коментари на Фејсбук не сум поштеден од клевети и навреди. Како и да е, јас веќе одамна сум навикнат да живеам со тоа зло, со таа вербална агресија на која често сум изложен.

ПРЕС24: Официјално мислам дека истрагата нема име, како што беа оние на СЈО популарно именувани, Вие на пример кое име би му дале на овој случај?

ГЕРОСКИ: Веќе му дадов име, но изгледа дека не го повторував доволно често. „Бомбашки рекет“. Името говори за она што навистина се случувало - злоупотреба на нелегално прислушуваните разговори заради изнуда на пари од жртвите.

ПРЕС24: Засега има две лица кои се во притвор, сосема јасно е дека во целиот случај е поврзана и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева... Се спомнуваат и имиња на пратеници. Верувате ли дека овој случај ќе се движи до крај, до целосно расветлување, или пак сѐ може да заврши во оваа форма?

ГЕРОСКИ:  Во една прилика, напишав дека овој случај на жесток криминал, како и повеќето други, треба да се окончаат по принципот „кој коњ се фати, тој врши“. И Ал Капоне не е осуден за убиства, туку за неплаќање данок. Па сепак, апелирам органите на прогонот целосно да го расветлат случајот. Тоа е важно заради потребата конечно да престане оваа спирала на злото и на омразата, која почна со лиферувањето на нелегално прислушуваните разговори, таканаречените бомби. Злоупотребата на овие материјали - еве, како што гледаме, дури и за милионски рекет - ја надмина потребата од нивна употреба заради „јавниот интерес“. Затоа јавно го советував премиерот Заев, првиот „менаџер“ на бомбите, да свика еден „самит“ на луѓето кои се примарни извори на овој токсичен материјал и да се договорат да го депонираат во бункер што веќе нема да се отвора. И оваа истрага ја разбирам како обид во таа насока, како обид за одлучен удар врз бомбашкиот рекет.

ПРЕС24: Вие во Вашите текстови не спомнувате имиња, но во еден од последните дури ти пати пишувате дека „мозокот е обвинителот“. Има ли цврсти докази за тоа?

ГЕРОСКИ: Јас немам докази за тоа, но мислам дека некој има. Тој што треба да има. И самите знаете дека Обвинителството потврди дека рекетот е документиран и со видео-докази. Јас би сакал да знам дали во тие докази се спомнува спорниот обвинител. Инаку, моите сознанија се дека доказите се толку цврсти, што од нив нема бегање. Тие мора да завршат на суд, за да не завршат некаде на некоја социјална мрежа и да предизвикаат досега невиден политички скандал. Затоа, добро е што се води одлучна истрага. 

ПРЕС24: Што велат Вашите информации, дали биле користени прислушувани разговори во уцените?

ГЕРОСКИ:  Да, реков веќе, самото обвинителство зборува за постоење на видео-снимки. Освен тоа, се зборува дека се употребени посебни истражни мерки. Повторувам, моите информации се дека доказите за рекетот се ко врата! Имало снимки да се направи еден добар долгометражен филм.

ПРЕС24: Ако хипотетички истрагата заврши тука, подготвени ли сте да продолжите да пишувате за случајот?

ГЕРОСКИ: Јас секако ќе пишувам за случајот. Но, нема да ѝ наштетам на истрагата. Напротив, ќе се обидам да ја поткрепам, ако можам. Апелирав до сите бизнисмени кои биле жртви на рекетот, да соработуваат со истрагата и да сведочат. Подобро да бидат сведоци денес, одошто утре обвинети за давање поткуп. Ако апелот не биде прифатен, бидете сигурни дека ќе продолжам да ги раскажувам моите приказни со измислените ликови. И ќе има нови непријатни препознавања. Не го велам ова за некому да му се заканам или да испратам некаква порака, бидејќи јас така не функционирам - не очекувам и не барам ништо друго освен да се дознае вистината за овој милионски рекет. Тоа е и во интерес на судската власт, но и на извршната власт. Колку побрзо се ослободат од рекетарските крлежи што ги закачиле на вратот, толку подобро за нив. А и за Македонија, се разбира.

ПРЕС24: Како Героски влезе во ова? 

ГЕРОСКИ: Го знаете ли оној виц за човекот што ја молзел кравата, а таа постојано ја туркала кофата со млеко - де со нозете, де со опашката. Човекот нашол сиџими и ѝ ги врзал нозете. Ама кога кравата ја турнала кофата со опашката, а овој снемал сиџим, го извадил коланот и ѝ ја врзал опашката на дрвото. Во тој момент му паднале пантоланите. Поминува комшијата и му вели: „Аман бре човече, па зарем со кравата?!“ А овој: „Што и да ти кажам сега, нема да ми веруваш!“

Така и јас, што и да ви кажам, тешко е за верување. Ама еве, ќе се обидам. Приказните ги слушав долго време и долго размислував како да ги раскажам. А сакав да ги раскажам, затоа што се грозни, затоа што не заслужуваме ова да ни се случува. Потоа дојде до мојата оставка во „Слободен печат“ и ми се отвори едно време... А јас во кондиција, можам по три колумни дневно да скрцкам. И така, се посветив на приказниве, избирајќи го единствениот можен начин, езоповскиот јазик.

Знам за шпекулациите дека за ова ме потплатил овој или оној. Тоа се ноторни глупости. Видете, бидете сигурни дека тој што го снимил рекетот, не го сторил тоа за да имам јас што да пишувам и да ја забавувам јавноста. Во еден момент, рекетариве беа смислиле начин како да ме запрат. Преку луѓе во власта испраќале пораки до некои од жртвите - во следната приказна на Героски, ти си на ред. Па се случи да ми се јават три лика и да ме прашаат дали е точно дека во следната приказна за нив ќе пишувам. Верувајте, не само што не сум „мотивиран“ од изрекетираните бизнисмени на било кој начин, туку сосема обратно, ми се чини дека тие најмногу сакаа моите приказни да запрат. Платиле луѓето...

Тие што добро ме познаваат, знаат дека мојот основен мотив е да се открие вистината. Сега, во ова време-невреме, тешко е луѓето да ги убедиш дека се бориш за некакви апстрактни вредности: слобода, демократија, правда, вистина... Затоа ви реков, што и да ви кажам, нема да ми верувате. А и тоа сега не е најбитно, нели.

 ПРЕС24: Она што засега останува дилема е дали и колку за ова знаел највисокиот врв на власта? 

ГЕРОСКИ: Верувам дека државниот врв бил добро известен за сѐ што се случувало и многу добро знае што сега се случува. Дел од луѓето во власта, на овој или на оној начин, биле блиски со Бојан Јовановски. Се шпекулира дека истрагата води и до двајца пратеници. Не велам дека власта го поттикнувала Јовановски да ги стори делата за кои е осомничен, но сигурно е дека вниманието со кое бил опсипан овој опскурен лик имало влијание врз него. И уште нешто - мислам дека власта конечно ја осознала потреба да се оттргне од овој човек и од групата околу него. Да ги послушаа моите совети, тоа требаше да го сторат одамна, бидејќи и штетите ќе беа помали. Но ете, да речеме дека никогаш не е доцна.

ПРЕС24: Има уште една дилема која јавноста тешко може да ја замисли, имајќи го предвид искуството од сите овие години македонска политичка историја, а тоа колку е реално да се верува дека власта нема влијание и контрола врз истрагата? 

ГЕРОСКИ: Не знам што да кажам, навистина... Знам само дека власта има интерес навистина да се спроведе една длабинска истрага и хируршки да се отсече „дивото месо“. Оти, ако тоа не се случи, извршната власт ќе биде на удар. А добро изведена операција е кога се сече без двоумење, додека не се стаса до здравото, незаболено ткиво. Можеби и затоа СДСМ се изјасни дека е потребна „длабинска истрага“. Ајде да се надеваме дека „мешањето“ би одело во таа насока, а не во насока на прикривање на криминалот.

ПРЕС24: Тешко кој би поверувал дека во Македонија до толку се промениле работите на добро, што правдата нема да ја одмине и иконата на оваа власт. СЈО, Катица Јанева сепак беа синоним на борбата против корупцијата... Сега се ова паѓа како кула од карти... Како и да ги гледате работите, дали политичката штета за партијата на власт е ненадоместлива?

ГЕРОСКИ: Политичката штета е голема, толку голема што и некои најголеми поддржувачи на власта и особено на СЈО на чело со Катица Јанева, кои ме напаѓаа како оси кога ја оспорував системската поставеност на ова обвинителство и особено кога го проблематизирав правото нелегално прибавените докази (бомбите) да се користат во судските постапки, сега од неа се откажуваат како од ѓаволот. Уништен е сонот дека СЈО ќе биде новиот лик на македонската правда.

Упорно тврдев дека токму власта треба да се бори за реформа на СЈО, за позиционирање на оваа институција во јавнообвинителскиот систем, што ќе подразбере и контрола врз неа, во системот на меѓусебна контрола на трите власти - законодавната, судската и извршната. А апологетите на власта на тоа одговараа со оргазмички занес, во кој само повторуваа - Катица, Фатиме, Катица, Фатиме... Ете, фатени се. Што правиме сега?

Штетата не е ненадоместлива, се разбира, но треба да се работи. И треба да се игра искрено и отворено да се признаат грешките. Се надевам дека тоа е она што сега следува.  

ПРЕС24: Сте разговарале со Премиерот Заев за ова? 

ГЕРОСКИ:  Не. За жал, со премиерот не сум се видел во четири очи најмалку шест месеци, можеби и цела година. Повремено комуницираме на некои теми по телефон, бидејќи мислам дека човекот има доверба дека нема да ја злоупотребам таа комуникација. Како некои локални „пранкери“. Но, за ова навистина не сме разговарале. Јас со него „разговарав“, обраќајќи му се јавно во моите колумни.  

ПРЕС24: Опозицијата веќе го спушти прашањето за СЈО на земја... За нив веќе нема никаков основ да се зборува за иднина на СЈО. Тие сега бараат преиспитување на целото работење на СЈО. Можно ли е да се случи сите процеси на СЈО сега да изгубат на кредибилитет и што во таква ситуација?

ГЕРОСКИ: Сите, или ајде да бидам попрецизен, повеќето процеси што ги поведе СЈО одамна имаат изгубено на кредибилитет, но тоа не е вина на власта, ниту заслуга на опозицијата. Едноставно, СЈО не сфати дека т.н. бомби можат да бидат само индиции за спроведување квалитетни истраги. Тоа не се случи. И затоа специјалните обвинители на суд делуваат неуверливо, се „бранат“ со напади и жешка реторика, а и брифираат одделни новинари, со цел јавноста предвреме да ги осуди обвинетите и осомничените. Но, тоа сѐ потешко поминува во судовите.

Доаѓа време кога ова обвинителство мора да стане оддел во јавнообвинителскиот систем и да почне да работи според процедурите кои се пропишани во Законот за кривична постапка. Тој закон не дозволува нелегално прибавени докази да се користат во кривичните постапки. И ако мене некој ме праша, јас би почнал со иновирање на таа одредба од Законот, во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права. Имено, треба да се пропише дека судска пресуда не може да се засновува врз вакви докази, што е битна разлика од она што сега е напишано во ЗКП. Дури потоа може да се разговара за поставеноста на СЈО. Особено сега, кога е јасно дека по падот на Катица Јанева, не станува збор за кадровско прашање, односно за одбрана на Катица по секоја цена.

За жал, додека сето ова да се случи, или додека не дојде до некој друг политички договор, ќе мине некое време. Јас сум убеден дека новите обвинители што ќе се зафатат со почнатите кејсови многу ќе внимаваат што прават и дали ги почитуваат процедурите. После овој скандал и после падот на Јанева, навистина сѐ е променето и ништо веќе нема да биде како порано.

ПРЕС24: Мислите ли дека овој случај може да врати некаква надеж за Македонија? Сепак ова е само еден случај, во медиумите се пишуваше за многу други случаи на корупција за актуелни функционери, но за тие случаи нема процеси? 

ГЕРОСКИ: Да не мислев дека овој случај е многу важен, да не речам случај меѓник, пресуден за тоа дали ќе одиме кон вистинска правда или ќе продолжиме со досегашниот волунтаризам, нема толку да се вложев себеси во битката. Освен тоа, знаете како е - лавината почнува од една снегулка. Од некаде мора да се почне. Оваа власт доволно се занимаваше со корупцијата на претходниот режим. И треба уште да се занимава, се согласувам. Но, ќе ѝ веруваме тогаш кога ќе почне да се бори со корупцијата во сопствените редови. Затоа овој случај е толку важен.

ПРЕС24: Важевте за голем поддржувач на Заев, или да бидам попрецизен бевте голем критичар на Груевски, сега сте главната причина за она што и се случува на партијата на власт. Зошто? Што се случи?

ГЕРОСКИ: Некој нешто не разбрал. Некој погрешно ме проценил. Ете, тоа се случи. Да, јас бев голем критичар на режимот на Груевски. Но, не заборавајте дека бев голем критичар и на Бранко Црвенковски. И Љубчо Георгиевски од мене немаше мир. Зошто баш Зоран Заев би бил исклучок?

Јас сум критичар на секоја власт. Мислам дека тоа, меѓу другото, е задачата на слободниот новинар - да биде куче чувар на јавниот интерес, а не чувар на нечија власт. Живеам за и од моите читатели. Најважен ми е образот. А некои луѓе, ете, помислиле дека веднаш по падот на режимот на Груевски, јас по дифолт ќе влезам во ергелата на провладини новинари и апологети.

Жал ми е што така помислиле, но јас навистина никому не сум дал основа така да ме процени. Напротив, секогаш укажував дека една паметна власт од мене може да има корист само ако ја почитува мојата слобода како новинар и мојата уредничка автономија. Ова второво го изгубив и си дадов оставка, но мојата новинарска слобода не ја давам никому.

ПРЕС24: Ќе има ли предвремени избори?

ГЕРОСКИ: Заев веќе се изјасни дека ќе чека во октомври да се објави датум за почетокот на преговорите меѓу Македонија и ЕУ. Моето мислење е дека премногу надежи се полагаат во тој датум, во смисла на тоа дека датумот ќе ја „спаси“ работата. Почетокот на преговорите е клучен да почнат реформските процеси во Македонија, но на граѓаните датумот нема да им значи многу. Ако сака да ги одложи предвремените избори, Заев мора веднаш да демонстрира добро владеење. Тоа треба да биде еден коперникански пресврт.

Опозицијата, нормално, ќе притиска на предвремени избори и не исклучувам Заев да потклекне на „мачо психологијата“. Непријатно ќе му биде постојано да слуша дека се плаши и дека бега од предвремени избори. Сепак, еве го октомври, па да сочекаме да видиме што ќе се случи и дали потоа ќе се смени реториката на Мицкоски и на Заев.

ПРЕС24: Има ли капацитет опозицијата за победа на следните избори?

ГЕРОСКИ: На последните претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ освои 380.000 гласови, според проценките 70.000 повеќе од СДСМ. Тој тест покажа дека опозицијата е сериозен претендент за освојување на власта на следните парламентарни избори. 

ПРЕС24: Го напуштивте „Слободен печат', останувате во електронските медиуми или повторно би влегле во печатен медиум, како нов или можеби дел од постоечки проект?

ГЕРОСКИ: До 31 декември годинава останувам во „Слободен печат“, но на работни задачи кои немаат врска со редакцијата. Дури и не пишувам за весникот. Така се договорив со газдите, кои не беа задоволни од уредувачката политика што ја спроведував. Беше фер да се дозволи новото уредништво да ја демонстрира новата уредувачка политика. И тука нема лутење.

Во меѓувреме, активен сум како автор на порталот Плусинфо и сум со цврста намера да продолжам со таа своја активност. Јас сум основач на Плусинфо и тој медиум ми лежи на срце. Освен тоа, порталот одлично напредува и мислам дека мојот придонес за тоа мора да продолжи. 

Но, познато е дека печатот е моја голема љубов и точно е, размислувам за идни можни проекти. Има време да одлучам, Сепак, што и да правам во иднина, ќе се потрудам да бидам дел од проект во кој главноуредничката палка ќе биде во други раце. Мислам дека треба да ме разберете. Со мали прекини, главен уредник сум цели 22 години. Не знам дали има некој друг со подолг главноуреднички стаж од мене. Време е таа тешка работа да ја вршат помлади луѓе, а јас сум тука да ја размавнам својата креативност, да помагам, да пишувам, да пишувам...

ПРЕС24: Има ли надеж за македонското новинарство?

ГЕРОСКИ: Има. Секогаш имало надеж. Зарем нам ни беше полесно во 1996 година, кога го основавме „Дневник“? Знаете ли со какви проблеми се соочувавме тогаш? Но, не е лесно и сега. Главниот проблем сега е што професијата ја изгуби својата пропулзивност и што сѐ помалку млади луѓе сакаат да се образуваат за оваа професија и да ја изберат за животен позив. За тоа треба многу да се размислува. Предупредувам и како долгогодишен новинар, но и како тренер на повеќе генерации млади новинари.

 

Од тука треба да се почне. Мора да се создаде нова креативна енергија на некоја нова генерација како мојата некогаш. Секој ден сонувам на мојата врата да тропне некој млад новинар и да ми рече - Героски, ајде станувај, се собравме една група млади новинари, имаме идеја да направиме нешто, дојди со нас, помогни ни. Верувајте, бурек ќе им купувам секој ден!

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.07.2019 - 10:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега