Емил Димитриев: Модерна граѓанска десница е современиот македонски патриотизам
Наредниот технички премиер за квалитетно раководење со владата треба да успее да ја пронајде средината помеѓу две крајности и да влезе во владата и да излезе од нејзе со чист образ. Ова е советот што првиот пржински премиер на Македонија за организирање избори, Емил Димитриев му го нуди на следниот премиер кој на 3 јануари ќе во владата. Во интервју за Прес24, Димитриев вели дека првата крајност која мора да ја знае идниот технички премиер е дека ниту од формален, ниту од морален аспект тој не е премиер со целосен капацитет.
-Од формален аспект тој е со утврден приоритет, а тоа е организирање и одржување на изборите, од морален аспект тој треба да знае дека мандатот за премиер му е доделен на друга личност која согласно закон мора да се повлече пред изборите. Втората крајност е тој целосно треба да е убеден дека од назначувањето за технички премиер, одговорноста за работењето на техничката влада е негова, дека тој не е таму да чува нечија фотелја, туку да одработи чесно и посветено чувајќи го својот и образот на целата влада. Новиот технички премиер треба да влезе со чист образ, но и со чист образ да излезе од оваа должност, тоа можеби раководството на неговата партија ќе му го заборави како придонес, но граѓаните нема, вели Димитриев во интервју за Прес24.
Иако изборите се закажани за 12 април, сепак Димитриев вели дека периодот кој следува и искуството од 2016 година ќе откријат, дали Македонија ќе гласа на тој ден. Иако постои општествен амбиент за предвремени избори, Димитриев смета дека за поуверлива победа на опозицијата, потребно е оваа власт да го доврши својот мандат.
-Кога самиот премиер ќе каже дека ако не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, а не го добивме, владата е мртва, сметајте дека реалната состојба е многу полоша од тоа, затоа што овде субјективизмот во оценката на состојбата е очекуван. Притисокот за избори од јавноста и опозицијата е се погласен, се креира амбиент за предвремени избори, иако јас лично сметам дека за поквалитетна споредба и компетиција подобро е оваа влада целосно да го заврши мандатот. Ако некој се уште нема јасна слика за неа, веројатно тогаш ќе му биде полесно за одлучување. Тогаш и разликата во корист на опозицијата би била уште поголема со што ќе се добие стабилно мнозинство за предизвиците кои следат, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека новата влада нема право да разочара.
-Ќе бидам директен, сериозен дел од повозрасните го доживуваат времето на Југославија како време кога подобро се живеело, од друга страна голем дел од младите својата перспектива ја гледаат надвор од земјата, ако и понатаму продолжи разочарувањето од политичките елити сериозно ќе биде поткопан вековниот идеал за самостојна држава, потенцира Димитриев во интервјуто посочувајќи дека граѓаните го победиле стравот од власта која суптилно го креирала изминатиов период на повеќе начини.
-А кога се надминува стравот во едно општество се ослободува голема количина на енергија која правилно треба да се насочи, прво кон промени, а понатаму и во обнова на земјата. Победата на ВМРО ДПМНЕ овој пат споредено со 2016 година ќе биде со многу поголема разлика, како одат тенденциите на разлика во рејтинзите формирањето на владата е извесна работа, вели екс премиерот Димитриев во интервју за Прес24.
-ВМРО ДПМНЕ во иднина треба силно да се посвети во профилирање како модерна граѓанска десница, затоа што тоа е нашата реалност и иднина, тоа уште повеќе ќе ја доближи до сите етникуми од една страна, а од друга страна подготвен сум со денови да ја бранам тезата дека инвестирањето во модерно граѓанско општество е современиот македонски патриотизам и најдобар гарант на суверенитетот и интегритетот, вели во интервју за Прес24, Емил Димитриев, пратеник на ВМРО ДПМНЕ во Парламентот.
ПРЕС24: Македонија во април на 12-ти, ќе гласа на предвремени парламентарни избори. Така договорија лидерите на парламентарните партии кај Претседателот Пендаровски. Сепак овие избори дојдоа како понуда на Премиерот Зоран Заев, по подолго инсистирање на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Дали оваа одлука на власта да прифати предвремени парламентарни избори повеќе е резултат на одлуката на ЕУ да нема преговори, или пак едноставно е дојдено времето за ново мерење на силите на терен?
ДИМИТРИЕВ: Дали баш тогаш ќе гласа не сум целосно убеден, воден од личното искуство од 2016 година кога два пати се одлагаа изборите, надополнето со фактот дека денешнава власт стана препознатлива по честото менување на ставот, кај мене има мала воздржаност. Но да се вратам на прашањето, мое лично мислење е дека вистинскиот мотив за овој став на Заев најдобро го знае самиот тој, нашите анализи можеме да ги темелиме на она што значи евидентна состојба на политички план. Кога самиот премиер ќе каже дека ако не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, а не го добивме, владата е мртва, сметајте дека реалната состојба е многу полоша од тоа, затоа што овде субјективизмот во оценката на состојбата е очекуван. Притисокот за избори од јавноста и опозицијата е се погласен, се креира амбиент за предвремени избори, иако јас лично сметам дека за поквалитетна споредба и компетиција подобро е оваа влада целосно да го заврши мандатот. Ако некој се уште нема јасна слика за неа, веројатно тогаш ќе му биде полесно за одлучување. Тогаш и разликата во корист на опозицијата би била уште поголема со што ќе се добие стабилно мнозинство за предизвиците кои следат.
ПРЕС24: ВМРО-ДПМНЕ во овие избори влегува една година по поразот на Претседателските избори. Дали овој период беше доволен да се консолидира партијата?
ДИМИТРИЕВ: За квалитетни промени не е доволна само консолидација на ВМРО ДПМНЕ, потребно е креирање на поширока платформа за развој на земјата во наредните десетина и повеќе години. Единствен фактор околу кој може да се обедини целокупниот креативен потенцијал во земјата, кој ќе ги донесе промените е ВМРО ДПМНЕ. И внатре во партијата, но и надвор од неа, познавам многу квалитетни поединци во разни области кои си ја сакаат земјата, се расположени своето знаење и искуство да го стават во служба на прогресот. Новата влада нема право да разочара, ќе бидам директен, сериозен дел од повозрасните го доживуваат времето на Југославија како време кога подобро се живеело, од друга страна голем дел од младите својата перспектива ја гледаат надвор од земјата, ако и понатаму продолжи разочарувањето од политичките елити сериозно ќе биде поткопан вековниот идеал за самостојна држава.
ПРЕС24: Какви се Вашите проценки, претпоставувам дека верувате во победа, но ВМРО-ДПМНЕ победи и 2016, па не формира влада. Можно ли е слично сценарио?
ДИМИТРИЕВ: Убеден сум во победата на ВМРО ДПМНЕ на наредните избори, од секојдневните контакти кои ги имам со граѓани од разни краеви на Македонија, очигледна е и се понагласена желбата за промени. Граѓаните го победија стравот од власта која суптилно го креираше изминатиов период на повеќе начини. А кога се надминува стравот во едно општество се ослободува голема количина на енергија која правилно треба да се насочи, прво кон промени, а понатаму и во обнова на земјата. Победата на ВМРО ДПМНЕ овој пат споредено со 2016 година ќе биде со многу поголема разлика, како одат тенденциите на разлика во рејтинзите формирањето на владата е извесна работа.
ПРЕС24: Она што сега и недостасува на опозицијата велат е коалиционен партнер во албанскиот политички блок. Дали тоа е хендикеп на ВМРО-ДПМНЕ?
ДИМИТРИЕВ: Македонија е граѓанско општество, позитивно е што се води сметка за правична застапеност на сите етникуми во управувањето со земјата, дали тоа се прави на најсоодветен начин, да оставиме за некоја наредна прилика. Владата како највисок извршен орган на власта секако треба да го отсликува граѓанскиот модел на општеството, тоа може да се направи на повеќе начини. Еден од начините е да се коалицира со партија која доминантно го црпи својот легитимитет од албанскиот етникум, кој исто и како другите граѓани е многу разочаран од владата. Тоа што во 2017 година се прекрши т.н. правило да се прави коалиција победник со победник е позитивна работа, бидејќи апсолутно не кореспондираше ниту со нашиот модел на држава, ниту со нашето законодавство, ова на ВМРО ДПМНЕ во наредниот период му овозможува по комотна позиција при составувањето на владата. ВМРО ДПМНЕ во иднина треба силно да се посвети во профилирање како модерна граѓанска десница, затоа што тоа е нашата реалност и иднина, тоа уште повеќе ќе ја доближи до сите етникуми од една страна, а од друга страна подготвен сум со денови да ја бранам тезата дека инвестирањето во модерно граѓанско општество е современиот македонски патриотизам и најдобар гарант на суверенитетот и интегритетот.
ПРЕС24: Стравувате ли од можноста да биде формирана нова партија од десниот блок, од луѓе на ВМРО ДПМНЕ, како што се шпекулира во јавноста пред овие избори и што тоа би значело за ВМРО ДПМНЕ?
ДИМИТРИЕВ: Во Македонија официјално се регистрирани педесетина политички парти нешто што апсолутно не соодветствува со големината на нашата земја. Сметам дека овој број треба да се намали најмалку за половина ако не и повеќе. Партиите треба да бидат јасно препознатливи од идеолошки, програмски и кадровски аспект. Не сум поборник за формирање на нови партии, поддржувам постојано надградување на демократскиот капацитет на постојните. Со тоа ќе се апсолвираат на правилен начин различните гледања за одредени работи. Како поранешен Генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ на мој предлог го применивме моделот за избор на Претседатели на месни комитети на непосредни избори. Пред последниот конгрес на партијата на седница на Извршниот комитет дадов предлог овој модел да се примени и за избор на Претседатели на општински комитети и Претседател на партијата. Можете да замислите каков силен легитимитет ќе добие Претседателот на партијата ако наместо 200 делегати на конгрес, го изберат 15000 или повеќе илјади членови на непосредни партиски избори, има ли подобра анкета за некој политичар ако ја помине оваа процедура.
ПРЕС24: Што ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди за да го оправда слоганот „Обнова за Македонија“ на овие избори?
ДИМИТРИЕВ: Информиран сум дека во тек е изработка на новата програма на партијата, не сум дел од органите на партијата за да знам детали, реално не сум најсоодветна адреса за ова прашање.
ПРЕС24: Одлуката на земјите членки на ЕУ да не и додели датум за преговори на Македонија беше големо разочарување за јавноста, иако за воља на вистината такви најави имаше од порано. Но, што според Вас беше клучно за ваква одлука?
ДИМИТРИЕВ: Многу анализи се ислушавме изминатиов период за тоа што беше пресудно за не добивањето на датум за почеток на преговори, мое кратко мислење е дека ваквата состојба е резултат на збир на внатрешните состојби во унијата надополнети со фактичката состојба кај нас на национално ниво. Факт е дека внатре во унијата како никогаш до сега има отворени прашања од аспект на нејзината функционалност. На тоа беше придодадена реалноста на отсуство на реформи, корупција, криминал и многу други работи кај нас, состојба за која погрешно се мислеше дека ќе ја покрие промената на името и нема да биде нотирана, или не до таа мера за да биде пречка на патот до ЕУ.
ПРЕС24: Владата на Заев помина две години и неколку месеци на власт, од денешен аспект како го оценувате овој период?
ДИМИТРИЕВ: Оваа влада ја доживувам како еден вид техничка т.е наменска влада со еден главен приоритет. Ако владата што ја водев јас беше со главна задача и фокус за спроведување на избори, оваа влада по сработеното испадна техничка влада за промена на името. На сите останати полиња се бележат поразителни параметри како на економски план, образование, здравство, земјоделие итн. За право и правда да не говориме, а иселувањето за разлика од претходно се триплира. Во услови на политичка, мигрантска, безбедносна криза, во период кога почна невиден страв во администрацијата за потпишување на било што, бидејќи секому се закануваше со пријави, претходната влада по многу параметри е подобра од денешнава која има дијаметрално спротивни услови за работа. Дали се работи за странски инвестиции, реализација на капитални инвестиции, одобренија за градба, бројките се во прилог на претходната влада.
ПРЕС24: Меѓу реформите што оваа власт ги спроведуваше беше безбедносните служби, Вие сте и претседател на собраниската комисија за надзор на работата овие служби. Имавте мислам и посети во МВР, како се одвива тој процес, дали овој модел гарантира професионалност на овие служби и она што можеби е суштинско нивна отпорност на политички влијанија?
ДИМИТРИЕВ: Реформите во областа на безбедноста се едни од клучните приоритети за нашите интеграции. Без да навлегувам во детали, мојата оценка за истите е дека се водеа парцијално и методолошки погрешно. Три децении сме самостојна држава се уште не постои закон за Советот за национална безбедност. Се изгласа законот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, а не се донесени сите базични закони за безбедносните служби како што е законот за Агенцијата за разузнавање. Законот за следење на комуникациите е донесен пред година и пол и се уште не е целосно имплементиран најглавниот дел од законот, а тоа е парламентарниот и граѓанскиот надзор. Имавме неколку обиди да се решат состојбите со надзорот, изгласавме законско решение во прво читање со двотретинско мнозинство, во меѓувреме СДСМ се повлече од договореното и реално повеќе не сум оптимист дека овој парламентарен состав ќе креира квалитетен надзор над службите. Крајно време беше политиката да ги тргне раце од службите, но процесот на селекција на вработените во новата Агенција за национална безбедност не беше согласно законот, јавноста беше очевидец на невиден волунтаризам и партизација на процесот.
ПРЕС24: На 3 јануари 2020 Собранието треба да ја избере пржинска влада, согласно законските одредби. Тоа ќе биде втора ваква влада. Прво сакам да Ве прашам, дали во партијата веќе е разговарано за кадровските решенија што треба ВМРО ДПМНЕ да ги понуди?
ДИМИТРИЕВ: Немам информација за ова.
ПРЕС24: Од лидерската средба кај Пендаровски немаше информација кога треба да се распушти Парламентот?
ДИМИТРИЕВ: Согласно изборниот законик член 15, бидејќи е договорено да бидат предвремени парламентарни избори, собранието треба да се распушти 60 дена пред одржување на изборите.
ПРЕС24: Вие практично бевте првиот Премиер по модел на оваа влада. Од Вашето искуство, мислите ли дека овој модел е добар? Бугарија на пример има некој случен модел пред одржување на избори, каде Претседателот на државата назначува технички Премиер?
ДИМИТРИЕВ: Овој модел на влади е добар за земји со релативно низок степен на демократија, институции подложни на политичко влијание и др. Со нив се смета дека се постигнува каков таков баланс во влијанието во период на организирање и одржување на изборите. Од лично искуство овој тип на влади треба да функционираат кратко во предизборниот и изборниот период ниту ден повеќе од повеќе аспекти.
ПРЕС24: Од Ваше искуство, што би го советувале следниот Премиер на Пржинската Влада?
ДИМИТРИЕВ: Мој совет до наредниот технички премиер за квалитетно раководење со владата е да успее да ја пронајде средината помеѓу две крајности. Првата крајност која мора да ја знае е дека ниту од формален, ниту од морален аспект тој не е премиер со целосен капацитет. Од формален аспект тој е со утврден приоритет, а тоа е организирање и одржување на изборите, од морален аспект тој треба да знае дека мандатот за премиер му е доделен на друга личност која согласно закон мора да се повлече пред изборите. Втората крајност е тој целосно треба да е убеден дека од назначувањето за технички премиер, одговорноста за работењето на техничката влада е негова, дека тој не е таму да чува нечија фотелја, туку да одработи чесно и посветено чувајќи го својот и образот на целата влада. Новиот технички премиер треба да влезе со чист образ, но и со чист образ да излезе од оваа должност, тоа можеби раководството на неговата партија ќе му го заборави како придонес, но граѓаните нема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа