Случајот со родилката во рацете на Меџити, мерки за гинекологија
По извршениот вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денес на барање на министерот за здравство, Фатмир Меџити, формирана е комисија за стручен надзор во врска со случајот со родилката што скокна од прозорец на скопска Гинекологија.
„Комисијата за стручен надзор, составена од двајца гинеколози, психијатар, клинички психолог и претставник од Министерството за здравство има задача да изврши надзор над стручната работа во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во врска со лекарскиот третман на родилката“, велат од Министерството за здравство.
По добивање на извештајот од стручниот надзор, јавноста ќе биде информирана за констатираната состојба.
Исто така, како што се нагласува, ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со извештајот на инспекторатот.
ДСЗИ претходно констатира дека ГАК направила пропуст оти докрај не ѝ обезбедиле психијатар на родилката што скокна од прозорец.
„Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврата за родилката, со оглед на тоа што тие не се реализирани. Во врска со наведеното, ДСЗИ со решение ќе им наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување постапка за утврдување одговорност од страна на здравствените работници, кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување доктор, специјалист по психијатрија“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
ГАК реагира по извештајот на инспекторатот тврдејќи дека процената од стручното лице во случајот со родилката била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа