Грковска и австрискиот амбасадор разговараа за Судскиот совет
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа проштална средба со австрискиот амбасадор, Георг Вуцас.
Грковска се заблагодари за личната поддршка од амбасадорот и за севкупниот придонес од Австрија за реформските процеси во земјава.
Амбасадорот Вуцас истакна дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е еден од приоритетите на австриската надворешна политика и во таа насока изрази надеж дека Северна Македонија ќе се справи со предизвиците на овој пат и набргу ќе стане дел од европското семејство.
Во однос на уставните измени, соговорниците се согласија дека политичарите од сите вклучени страни треба да имаат широка визија и да ги имаат предвид ефектите од нивните одлуки врз стабилноста и напредокот на целиот регион.
Грковска и Вуцас се осврнаа и на состојбата во правосудниот систем и на случувањата во Судскиот совет, кои ќе бидат предмет на оценувачка мисија од страна на ЕУ.
Согласувајќи се дека промените во овој дел од системот треба да дојдат од самите луѓе што ги сочинуваат овие институции, беше истакната важноста на политичката волја и храброста за справување со корупцијата, која е одредена од многу фактори во општеството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа