Пожарот во Дојран не може да се стабилизира заради силниот ветер

Големиот пожар кој избувна над Стар Дојран кај депонијата, во месноста Карач и зафати две куќи тешко се става под контрола и не може да се стабилизира заради силниот ветер.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов вели дека и покрај огромните напори на пожарникарите и хеликоптерот, пожарот потпомогнат од ветрот се разгорува повторно на места каде бил изгаснат.

Според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој е на местото на пожарот на почетокот на Стар Дојран, од десната страна на високиот дел се одбранети куќите, но е опасно заради експлозии од неексплодирани гранати од минатите војни.

Во гаснењето на пожарот учествуваат месното население, пожарникари од Дојран, Валандово, Гевгелија и Струмица, како и еден хеликоптер, кој брзо полни вода од Дојранското Езеро и ја исфрла врз пожарот.

Градоначалникот Ангов, денеска посочи дека пожарот најверојатно е подметнат, бидејќи на местото каде што избувнал пожарот пронашле канти од моторно масло.

Покрај овој пожар, денеска на територијата на Општина Дојран избувна уште еден кај селото Николиќ, кој се префрли на грчката страна од Дојранското Езеро. Според последните информации тој е локализиран со дејство на грчки воздухоплови.

30.07.2024 - 16:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега