ВМРО-ДПМНЕ: За претседател бараме човек чиј избор е Македонија
Македонија се нејзините луѓе, нивните судбини, нивното секојдневие, обврски, нивните пријатели, соседи, роднини, нивните дневни емоции, нивните проблеми, и подеми, нивните успеси. Македонија е секој грам на желба, волја, страст, порив, борба. Македонија не е апстрактен поим кој покажува некои општи форми. Не. Македонија е прецизен, точно дефиниран поим, вграден во сите нас. Таа е живот и постојано движење, таа е симбол, но и насока. Македонија се сите нејзини луѓе, сите нивни насмевки, сите нивни копнежи и стремежи.
Ова се вели во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во кое ја опишуваат суштината на пораката и логото на Конвенцијата на партија за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.
-Наша обврска е да се бориме за нив, за секој еден, за секој нивни поглед на разбирање и поткрепа, за нивно одобрување, за нивната воздишка и иднина. Да се стремиме да го подобриме нивниот живот, животот на сите граѓани во нашата земја. Секој човек во својот живот има моменти кога се наоѓа себе си пред некаков избор. Личен, или колективен. Избор за себе, но и избор за своите блиски или пошироко. И токму тој избор најчесто говори што сакаме, за што се залагаме и бориме, кои се нашите цели и заложби, како ја разбираме сегашноста и кои се нашите очекувања за иднината. Ретки се моментите кога со една единствена одлука за избор одлучуваме и за многу повеќе од самите нас, освен за себе си, и за своите деца и роднини, за своите блиски, за пријателите, но за непознатите, за лицата со кои се разминуваме секојдневно, а не се познаваме, за иднината и среќата на сите, за иднината на нашата држава. Тогаш личната одлука е одлука за сите. Личниот избор е избор за Македонија. Во тие моменти ти си центарот на тој избор, односно изборот си ти. Во тие моменти- Изборот сте сите Вие, ИЗБОРОТ Е МАКЕДОНИЈА! Затоа што Македонија се нејзините луѓе, стои во соопштението.
Наша обврска е, велат од партијата, да се стремиме кон успехот, одлучноста и чесноста, а прашањето на изборот е прашање за тоа какви принципи браниме и што сакаме, а наша крајна цел е Македонија да оди напред!
-Претседателските избори се важни затоа што избираме човек кој ќе ја преставува државата и ќе го застапува секој еден граѓанин. На Македонија и треба човек кој ќе биде стожер на стабилноста, цвртст и одлучен чувар на нејзиниот суверенитет и интегритет. Разумен во своите одлуки и промотор на заедничките вредности. Амбасадор на нејзината традиција и култура. Само човек кој што го познава својот народ, само човек кој што ги познава луѓето во својата земја, може да биде претседател. ВМРО-ДПМНЕ избира токму таков човек, човек кој ќе ги застапува граѓаните и ќе ја промовира државата! Човек кому изборот секогаш ќе му биде Македонија и нејзините граѓани, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа