Петровска на средба со висока делегација од норвешкото Министерство за надворешни работи
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ејвинд Вад Петерсон, норвешкиот амбасадор Јорн Гјелштад и одбранбеното аташе на Норвешка, полковник Даг Магне Лунде.
Продлабочувањето на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Норвешка преку потпишување на повеќегодишен Стратешки план за соработка помеѓу двете армии беше тема во фокусот на денешната средба, на која се разговараше и за зајакнувањето на колективната безбедност и проширувањето на Алијансата преку приемот на Шведска, како и за норвешката донација на воена опрема за македонската Армија.
„Република Северна Македонија уште минатата година го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Шведска во НАТО и очекуваме оваа земја да се придружи на североатлантското семејство во најбрз можен рок. Така ја зацврстуваме нашата колективна безбедност и така го демонстрираме нашето единство“, порача Петровска на средбата.
Во поглед на процесите за модернизација и опремување на македонската Армија, министерката Петровска се заблагодари за норвешката поддршка и донација на воена опрема во борбени и товарни возила која треба да се реализира во текот на 2023 година.
Воедно, на средбата, министерката Петровска ја осуди руската агресија врз Украина и потенцираше дека Северна Македонија беше меѓу првите држави кои ја поддржаа Украина со конкретна воена помош за одбрана на сопствената територија.
„Украина е таа која легитимно ја брани својата држава. Затоа бевме меѓу првите држави кои ја осудија руската инвазија и дадовме политичка, но и воена поддршка за одбрана на своите граѓани и територија“, рече Петровска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа