Самохрана мајка без државјанство, со два бајпаса и „вентолин“ в рака е „изгубена“ во правните лавиринти на државата

 

54-годишна самохрана мајка на пет деца, Амида Демири, од населба Стопанство, општина Градско, целиот свој живот се шета низ правните лавиринти во државата, за да докаже дека е родена во Македонија и да добие државјанство.

Животот не ја „штедел“. Со два бајпаса и постојано со „вентолин“ в рака, се обидува да најде решение за без државјанството, но и да се соочи со сите предизвици кои ги носи овој проблем.

Оставена е на милост и немилост од соседите, кои несебично и помагаат носејќи ѝ храна и хигиенски производи.

Амида Демири е родена во Република Македонија, завршила основно училиште во Велес, а во државата ги родила и нејзините пет деца. Три од нив имаат државјанство стекнато преку нивниот, сега веќе починат татко, а останатите две деца не ги впишале во книгата на родени.

За „Прес24“, самохраната мајка раскажа дека со години талкала по инстицуиите, дала многу пари за потврди и останати документи, но досега не успеала да докаже дека е родена во земјата, ниту да добие државјанство. Нема здравствено осигурување, ниту лични документи за идентификација. Лековите за бајпас и останатите спрејови кои и го олеснуваат дишењето, мора да ги обезбедува на приватно.

„Прво и прво, јас треба да се лечам, бидејќи јас примам терапии – многу се скапи. Ако моите лекови за бајпас ги нема овде во Македонија, син ми мора да оди за Бугарија. Работеше секаде за да ги собере парите за да набави лекови. После операцијата отидов и во Социјалното, ама не ме прифаќаа бидејќи немам државјанство за да ми помогнат“, изјави Aмида.

Таа е работоспособна, но вели дека никој работодавец не сака да ја прими бидејќи немала лични документи.

„Јас немам можност каде да работам. Што имам? Со два килограми брашно ли ќе го поминам месецот? А утре треба ли јас да јадам? Ми треба ли мене „вентолин“? Без него не можам. Ако се загушам, кој ќе трча по мене? Јас сама живеам. Треба државата да ми помогне. Јас сум родена тука, матичен број имам, зошто да не бидам државјанка?“, прашува 54-годишната самохрана мајка.

Амида раскажа и дека била тешко болна пред еден месец. Тврди дека не можела да стане од кревет и дека лековите постојано ја „терале“ на спиење. Чувствувала замор, а немала ни апетит за јадење.

„Многу бев болна пред еден месец. На брат ми му реков дека умирам. Ми дадоа апчиња – некои трамадоли, кога ќе легнев – до наутро не можев да се освестам. Бегајте, им велев на децата, ми се спие кога доаѓаа да проверат како се чувствувам. Ниту јадев, ниту пиев – цел ден спиев од апчињата“, кажа Амида. 

И покрај сите проблеми, оваа мајка сепак не се откажува.

„Јас имав болен маж, почина, работев, ама не се предавам“, тврди Амида за „Прес24“.

Александра Ефремова, од Македонско здружение на млади правници вели дека причината поради која Амида Демири останала без државјанство е најверојатно поради непознавањето на законите на нејзините родители, кои пак се со потекло од Косово.

„Родителите на Амида Демири се по потекло од Косово, поради што, по распаѓањето на СФРЈ и осамостојувањето на Република Македонија во 1991, тие имале можност или да се запишат во државјанството на земјата на потекло (во тој момент Србија) или доколку останале да живеат во Република Македонија, во  македонско државјанство. За жал. тие, најверојатно  поради непознавање на законите, не се запишале ниту во државјанство по земјата на потекло ниту во македонско државјанство, поради што  останале да живеат во земјата како лица без државјанство. Поради тоа, Амида своето бездржавјанство го пренела и на своите деца“, изјави Ефремова за „Прес24“.

„Согласно македонските закони, Амида и нејзините деца имаат законска обврска, се до моментот на добивање на македонско државјанство да регулираат престој како странци, согласно Законот за странци, под хуманитарни причини, како лица без државјанство“, објаснува Ефремова.

„Во моментов и за Амида и за нејзините деца поведена е постапка за натурализација во македонско државјанство согласно измените и дополнувањата на Законот за државјанство, според кој е предвидена олеснета натуралиција за лица кои во 1991 година живееле во Македонија и можат да го докажат тоа со приложување на најмалку еден доказ“, додава правничката од МЗМП.  

Амида Демири е еден, од повеќе милиони луѓе низ светот кои се „правно невидливи“, односно не можат да ја докажат својата припадност во една држава. Собранието во Македонија на 14.јуни годинава, ги усвои измените на Законот за матична евиденција.

Со овој закон по децениски борби, конечно ќе се овозможи решавањето и случаите на правна видливост за 700 наши сограѓани кои водеа битки со системот да добијат правен идентитет, пристап до основните права и достоинствен живот.

Пратеничката Љатифе Шиковска информира дека со овој закон исто така се уредуваат и допрецизираат одредби кои се однесуваат на запишување на дете во матична книга на родени и се дава можност за дополнителен упис на истите.

„Законот ќе овозможи да се реши деценискиот проблем на овие лица, ќе се спречи генерацискиот ланец на неевидентирани лица во МКР. 700 лица ќе добијат изводи на родени по редовна постапка, ќе се стекнат со идентитет Лични карти, и ќе имаат можност да ги остварат уставно загарантираните човекови права, право на образование, здравствена и социјална заштита, и други бенифиции кои државата ги нуди.Операцијата ќе се спроведе во соработка со УВМК кој е надлежен да ги запише лицата во редовната матична книга на родени. УВМК ќе има задача до Комисијата за политички систем да доставува месечен извештај во однос на имплементација на законот, НВО кои работат на терен ќе помогнат оперативно да се најдат лицата без документација и да ги упатат на шалтерите на матичните служби во Скопје и  останатите градови“, изјави пратеничката Шиковска за „Прес24“.

Според законот, уписот на 700 лица ќе им се изврши најдоцна до 31. декември 2023 година, но моите очекувања се, додава Шиковска, уписот да се изврши и порано од предвидената временска рамка согласно законот, односно до крајот на месец октомври 2023 година.

Законот за матична евиденција пред три денови беше објавен во Службен весник.

Наредно, треба во рок од 15 денови да се донесат и подзаконски акти во кои ќе се дефинираат извесни прашања во врска со примената и да се организираат обуки за вработените на матичните служби и центрите за социјална работа.

На состанокот на работната група задолжена за надзор над спроведување на законот, одржан пред три дена, се даде и ветување дека во најскоро време ќе се изготват и измени во законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште со што ќе се заокружи целиот процес на добивање лични документи посебно за ранливата категорија лица и пристап до основни права.

Новинар: Габриела Лескова

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од УНХЦР и други агенции на ОН. Содржината на сторијата не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и другите агенциите на ОН.

 

29.06.2023 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега