Судот ги поништи царините на Трамп, ги прогласи за незаконски
Федералниот суд на Соединетите Американски Држави ги блокираше многу високите царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе на странски земји, пресудувајќи дека тој ги пречекорил своите овластувања.
Пресудата, донесена од страна на судии на Американскиот суд за меѓународна трговија, ги запре сеопфатните царини од 10 проценти што Трамп ги воведе на „речиси секој трговски партнер на САД“, а десетици земји беа загрозени со повисоки царини, пишува „NBC News“. Судот, исто така, блокираше посебен сет царини што ги воведе администрацијата на Трамп врз Кина, Мексико и Канада, во кои како причина за зголемувањето се наведоа трговијата со дрога и нелегалната имиграција.
Администрацијата на Трамп ги оправда царините со повикување на Законот за овластување за меѓународна економска вонредна состојба од 1977 година, или IEEPA, кој му дава на претседателот овластување да го регулира увозот за време на одредени вонредни состојби.
Сепак, судот вчера го отфрли толкувањето на законот од страна на владата и рече дека би било неуставно кој било закон донесен од Конгресот да му даде на претседателот целокупно овластување да одредува царини.
„Судот не донесува одлука за мудроста или можната ефикасност на употребата на царини од страна на претседателот. Оваа употреба е недозволива не затоа што е неразумна или неефикасна, туку затоа што (федералниот закон) не го дозволува тоа“, наведе тричлениот судски совет во одлуката, пренесува Танјуг.
Судот рече дека царините за Кина, Канада и Мексико не се легални затоа што „не се справуваат со заканите идентификувани во тие наредби“. Тројцата судии кои ја напишаа пресудата беа номинирани за судскиот совет од поранешниот претседател Роналд Реган, поранешниот претседател Барак Обама и Трамп во неговиот прв мандат. Администрацијата на Трамп во судските документи посочи дека ќе поднесе жалба на пресудата до Федералниот апелационен суд.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, одговори на пресудата, бранејќи го образложението за царините, велејќи дека трговскиот дефицит на САД со други земји „создаде национална вонредна состојба што ги десеткуваше американските заедници“. Тој тврди дека царините се неопходни за да се поттикне производството во САД и да се стави крај на она што тој го смета за неправедни трговски практики.
Со воведувањето на царините на почетокот на април, Трамп го нарече трговскиот дефицит „национална вонредна состојба“, што ја оправда неговата царина од 10 проценти за целиот увоз, со повисоки стапки за земјите со кои САД имаат најголем трговски дефицит, особено Кина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа