Бочварски: Гледаме лош почеток на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, политички фолклор и секојдневни скандали


Гледаме лош почеток на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, политички фолклор и секојдневни скандали, рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски во гостување на Канал 5 Телевизија.
 
-Проблеми што секојдневно ги гледаме, како инцидентот на аеродромот, на границата со Косово и така натаму. Сведоци бевме на ветувања дека ќе го поништат Договорот од Преспа, па сега кажуваат дека тоа е реалност и не може да се промени. Сите тие политики, кои практично се потврдија дека не можат да ги променат, дека не биле искрени пред граѓаните а можеби ниту сакале да ги променат ги носи на друга карта, постојано да зборуваат за сегашната опозиција, рече Бочварски во „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.
 
За најавите на власта дека ќе се менува историската комисија Бочварски рече дека тоа е само шминка без суштина за понатаму да се влезе во повторни политики на судир со соседите. 
 
-Тоа нема толку да им наштети на нашите соседи, кои веќе се членови на ЕУ, повеќе ќе наштети на нас. Затоа државата треба да се води мудро. Секоја влада треба да се води интересот да го гледа правецот на сопствената држава граѓаните, час поскоро да ги однесе таму каде што сме тргнати, а тоа е во ЕУ. За час поскоро да стигнеме со еден подобар поквалитетен живот и низ таа призма гледајќи ја политиката треба да ги носи своите политики, идеи и да носи одлуки, рече Бочварски.
 
Во врска со најавите за дестабилизација, Бочварски истакна дека тоа е веќе видено сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ додека владееја до 2016 година и дека требало преку надлежните институции да се процесира доколку навистина постоело некаква реална основа.
 
-Додека беа на власт така работеа, преку ден владееја во државата, ги менаџираа институциите, навечер правеа гужви, тепачки со што ги подигаа меѓуетничките тензии. И за време на кампањата оваа година се повторија некои повици од плоштадите, кои ги подгреваат меѓуетничките тензии. Тоа не е добар начин за кревање на рејтингот на било која политичка партија. Доколку имало такви најави тие требало преку институциите на системот да се процесираат и веднаш да се отстранат, рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски.
06.09.2024 - 20:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега