Ковачевски со честитка за Курбан Бајрам: Само заедно и сплотени можеме да го совладаме секој предизвик
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, по повод еден од најголемите верски празници, Курбан Бајрам, упати честитки до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, на членовите на Ријасетот и на муфтиствата, како и на сите припадници на исламската вероисповед.
„Одбележувањето на овој празник, кој е симбол на солидарноста и благосостојбата, е во духот на нашиот вековен соживот, кој го градиме со генерации. Празникот Курбан-бајрам сите нас нè потсетува на значењето и големината на споделувањето, љубовта кон блискиот и заемната почит“, се вели во честитката на премиерот Ковачевски. Во неа се потенцира дека само заедно и сплотени можеме да го совладаме секој предизвик и да продолжиме да го негуваме и чуваме нашето општество како едно општество за сите.
Премиерот порача овие празнични денови да поминат во мир, љубов и радост во домовите.
„Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европските вредности во духот на мултикултурализмот по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство“, потенцира премиерот Ковачевски во својата честитка упатена по повод празникот Курбан-бајрам.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа