Германски АЕГ разгледува енергетски проекти за инвестирање во Македонија
Делегација на Владата на Република Македонија предводена од заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, заменикот министер за економија, Христијан Делев и директорот на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, оствари работна средба со делегација од AEG Industrial Engineering Aktiengesellschaft од Сојузна Република Германија, предводена од извршниот директор Хајнрих Отерпол.
Причина за средбата е одлуката на AEG Industrial Engineering Aktiengesellschaft, донесена пред три недели, за влез на македонскиот пазар и за основање на претставништво во Република Македонија.
Пешевски и Делев, ги запознаа членовите на делегацијата со реформите кои Република Македонија ги спроведува во сферата на деловната клима, бизнис опкружувањето и даночната политика, како и со стратешките енергетски инвестициски проекти во државата. Пешевски истакна дека за Република Македонија е од особено значење што една компанија од толкави размери, со 128 годишна успешна историја во работењето, ќе биде присутна на македонскиот пазар и што пројавува интерес да инвестира во Република Македонија, со што ќе придонесе за развојот на македонската економија.
-Пред три недели прв пат во Македонија дојде директорот на компанијата АЕГ да ги разгледа можностите за инвестирање во Македонија, поточно поголемите енергетски проекти. Тие пројавија директен интерес и најавија отворање на канцеларија во Македонија како еден вид логистична поддршка за во иднина учество на идни огласи за овие енергетски капацитети, изјави Делев.
Извршниот директор на компанијата Отерпол изјави дека е многу задоволен со можностите за инвестирање во Република Македонија и токму поради тоа компанијата ги разгледува можностите да инвестира во енергетските проекти во Република Македонија.
-АЕГ планира во Македонија да отвори нова канцеларија и да влезе на пазарот бидејќи имаме чувство дека Македонија е срцето на Балканот и може да биде центарот на енергијата за цел регион. Бидејќи ја регулираме енергијата во регионот имавме рзговори со заменикот министер за економија и се надеваме дека наскоро ќе бидеме достапни и тука, истакна Отерпол.
AEG Industrial Engineering Aktiengesellschaft е компанија специјализирана за производство на извори за електрична енергија, компоненти за енергетско управување, контрола и дистрибуција на електрична енергија, како и за производство на други механички и електронски апарати и делови за автомобилскиот, железничкиот и бродскиот транспорт.
Оваа компанија е дел од групацијата AEG која започна со работа во 1887 година во Берлин и се смета дека таму се поставени темелите на индустрискиот дизајн. Оваа групација во 2004 година е инкорпорирана во групацијата Електролукс.
Компанијата е во повеќедневна посета во Република Македонија и за време на престојот остварени се и повеќе други средби со претставници од државни претпријатија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа