Пеевски: Николоски да се прогласи за персона нон грата во Бугарија
Претседателот на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС), Делјан Пеевски смета дека доколку во Бугарија има соодветни државни институции и служби, вицепремиерот и министер за транспорт во македонската Влада, Александар Николоски веднаш треба да биде прогласен за персона нон грата во неговата земја. Како што пренесуваат бугарските медиуми, според него, „тоа е најмалку што треба да се направи по систематското сеење омраза кон Бугарија и бугарскиот народ“.
-Дрскоста и ароганцијата во однос на Бугарија, нејзините демократски избрани институции, демонстрирана од проруската влада на Мицкоски е јасно одговор на категоричната евроатлантска позиција на нашата земја.
Инсистираме на итни мерки како одговор на провокациите, кои треба да бидат конзистентни и категорични, нагласил Пеевски.
Лидерот на партијата оценува дека „проблемот веќе не може да се реши со едно формално извинување“.
-Раздорот е вредносен и се спротивставува на два света – оној на евроатлантските демократии и оној на пропутинската, антидемократска закана.
Како европска држава не можеме да останеме пасивни или псевдодипломатски, туку мораме да ја заштитиме честа и достоинството на Бугарија и на бугарските граѓани, оти во спротивно би учествувале во легитимирање на јасни канали на проруско влијание во срцето на Европа, додал Пеевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа