Алкалоид со раст на продажбата во 2016 година
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – декември 2016 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември, продажбите достигнуваат 6.418.580.770 денари, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.208.748.918 денари, бележи зголемување од околу 13%, додека единечната нето добивка изнесува 704.269.882 денари и е зголемена за 9%.
Во периодот јануари – декември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 8.292.770.038 денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 3%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8%. Од вкупните консолидирани продажби, 40% се остварени на домашен пазар, додека 60% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 17% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД раст од 30%, Русија раст од 15%, Романија раст од 63%, Словенија раст од 13%, Полска раст од 141%, В.Британија раст од 125%, Унгарија раст од 135%, Турција раст од 72%, Чешка раст од 122%, Албанија раст од 47% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 83%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 19%, Кардиолошките препарати со 17%, Невролошките препарати со 13%, Антибиотиците заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 17% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 10% и Билкарство учествува со 4%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.296.423.420 денари бележи раст од 12%, додека нето консолидираната добивка во износ од 731.818.674 денари е зголемена за 10%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - декември 2016 година изнесуваат 712.282.757 денари.
Во периодот јануари - декември 2016 година во Алкалоид се реализирани 157 нови вработувања во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа