Во моментов има само еден начин да извадите пасош за летово
Граѓаните кои закажале за сликање за пасош по редовна постапка ќе почекаат бидејќи за нив обрасци нема, но има за оние кои се спремни да платат над 6.000 денари за издавање пасош по итна постапка.
Значи, ако сакате летово да излезете од Македонија, има само еден начин да извадите пасош, а тоа е по итна постапка. Ако успеете да закажете, тогаш по сликањето, пасошот ќе го добиете за 2 дена, за што ќе треба уште една тура, прилично тензично чекање на шалтерот за пасоши по брза постапка, каде во последниве денови одат сите кои сакаат пасош.
Точен термин кога ќе пристигнат нови обрасци нема, а од МВР велат дека прават континуирани напори фабриката добавувач со поголема динамика и во поголем обем да ги доставува обрасците.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска изјави дека до крајот на месецот се очекува поголема пратка, а во јуни пратка која, како што вели, „ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните“.
Иако биле нарачани 400 илјади обрасци за пасош, сепак минатата недела пристигнале само 20 илјади. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека според договорот до 18 февруари требало да пристигнат 400 илјади обрасци, но тоа со одреден акт било сменето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа