„Водовод и канализација“ со рекордни инвестиции во 2015, Атанасов најавува засилено темпо на работа и годинава
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ изминатата 2015 година ја заврши со рекордни инвестиции во водоводната и канализационата мрежа, информира денес директорот Александар Атанасов.
-Во делот на водоводната мрежа во своја режија инвестиравме 67.552.403 денари и дополнителни 8.401.466 преку ангажирани изведувачи со што вкупните инвестиции во водоводната мрежа во 2015 година изнесуваат 75.953.869. што се однесува до канализационата мрежа, инвестирани се 9.799.835 преку ангажирани изведувачи и 5.412.330 денари преку сопствена изведба со што вкупните инвестиции во овој дел изнесуваат 12.212.165 денари, вели директорот Атанасов.
Тој додава дека реализирани се и околу десетина поголеми инвестиции на барање на граѓаните, а произлезени од теренските посети на Владата. Дел од нив се реконструкција на мрежата на улиците „Скупи“, „Јордан Мијалков“, улица 2 во Сарај, улица Сердарот трета фаза, како и почеток на изградба на нов водовод во општина Шуто Оризари.
-Минатата 2015 година дадовме приоритет на реконструкции и изведби на нови мрежи во градот Скопје со цел надградба на целокупната водоводна и канализациона мрежа на градот. Во новата 2016 година ќе продолжиме да работиме со засилено темпо во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, истакнува Атанасов.
Во врска во изградбата на новата Управна зграда на Јавното претпријатие, директорот посочува со засилено темпо се привршуваат работите.
-Акциониот план беше дека Управната зграда ќе биде завршена до почетокот на април месец 2016 година, но поради временските услови и барање на изведувачот, рокот се поместува за јуни-јули месец оваа година кога финално планираме да се вселиме во новата Управна зграда на ЈП „Водовод и канализација“, нагласува Атанасов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа